И науката е согласна: балансот помеѓу умот, телото и и духот е клучот за добро здравје

2/13/20251 мин читање

Во последно време, сè поголемо внимание се посветува на поврзаноста меѓу умот, телото и духот, што резултира со подем на нови медицински гранки како психосоматика, психоневроимунологија, психоневроендокриноимунологија и епигенетика. Заедничко за сите три, е тоа што тие ја нагласуваат важноста на интеракцијата помеѓу менталното и физичкото здравје.

Причина за честата појава на хронични болести

Иако современата медицина постигнува значајни успеси, честопати се соочува со предизвици во третирањето на хронични и автоимуни болести како карцином, ревматоиден артритис, хашимото, лупус и др. Причината лежи во тоа што таа најчесто го игнорира интегралниот пристап кон човековото здравје. Затоа, холистичкиот начин на живот добива сè поголема популарност, како комплементарен пристап за подобрување на целокупната благосостојба.

Во продолжение, прочитај што откриваат новите науки како психосоматика, психоневроимунологија и епигенетика и како можеме да си го подобриме нашето целокупно здравје, преку холистички пристап.

Психосоматика

Психосоматиката е прво поле на медицината кое ја истражува врската помеѓу психата и телото. Тоа се занимава со начинот на кој емоциите, мислите, и стресот можат да влијаат на физичкото здравје и да предизвикаат или да влошат одредени болести и состојби. Оваа дисциплина, смета дека умствените процеси како стрес, анксиозност и потиснати емоции, можат да предизвикаат појава на симптоми кај луѓето и покрај тоа што навидум, тие немаат медицинска дијагноза, која би ги објаснила.

Стресот претставува состојба во која човекот е надвор од состојба на хомеостаза (рамнотежа). Тој го зголемува лачењето на хормоните кортизол и адреналин, што може да доведе до воспаленија и слабеење на имунитетот. Непроцесираните емоции, како што се лутина, тага, или анксиозност, можат да се „складираат“ во телото и да предизвикаат хронични болки.

Некои од најчесто спомнуваните психосоматски состојби се: хипертензија (висок крвен притисок), синдром на иритабилно црево (IBS), фибромијалгија, псоријаза, гастритис или чир на желудникот, бронхијална астма, ревматиоиден артритис и други.

Психоневроимунологија

Психоневроимунологија (ПНИ) е интердисциплинарна наука која ги проучува интеракциите помеѓу психата, нервниот систем и имунолошкиот систем. Оваа област ја истражува врската помеѓу емоциите, мисловните процеси, стресот и нивното влијание врз физичкото здравје преку сложени биолошки механизми.

Хроничниот стрес може да предизвика хормонален дисбаланс, да го потисне имунолошкиот систем и да ја зголеми подложноста на инфекции, воспаленија и хронични и автоимуни заболувања.

Емоционалните состојби, расположението, како и социјалните односи, можат длабоко да влијаат на функцијата на имунитетот. Па така, позитивните емоции како што се радоста, љубовта и благодарноста, можат да го зајакнат имунитетот, додека негативните емоции како лутина, страв, тага или осаменост, можат да ја ослабат имунолошката одбрана и да ја зголемат подложноста на болести.

Епигенетика

Епигенетиката е наука која истражува како надворешните фактори, околината и животниот стил можат да влијаат врз изразувањето на гените, без тие да ја менуваат својата ДНК структурата. Со други зборови, иако гените остануваат исти, нивното „вклучување“ или „исклучување“ може да зависи од фактори како исхраната, емоции, стресот, изложеноста на токсини, физичката активност и животните навики (квалитет на спиење, пушење цигари, консумирање алкохол и други).

Секој од нас наследува гени од нашите родители и предци, кои содржат информации кои нè создаваат и нè прават она што сме. Но, идејата дека судбината на човекот не е целосно предодредена од гените не е нова. Многу древни традиции ја препознаваат комплексноста на човековото битие, гледајќи го како комбинација од физички, енергетски, емоционални и ментални аспекти. Овие различни нивоа непрекинато меѓусебно си влијаат и играат улога во активирањето на генетските информации. Затоа е важно да се гледа на човекот како целина, а не како на збир на индивидуални делови (како што вообичаено пристапот на Западната медицина).

Холистичкиот пристап – клучот до балансот и исцелувањето

Во основата на холистичкиот пристап лежи идејата дека човекот е повеќе од само тело – тој е спој од ум, дух и емоции. Причината за болеста или состојбата, ја бараме во нарушениот емоционален или енергетски проток на човекот. Од друга страна, кога овие аспекти се во хармонија, започнува процесот на природно исцелување и враќање на балансот. Холистиката ги надополнува современите научни откритија, користејќи природни и древни методи, кои ја враќаат свеста кон целосната поврзаност на човековото битие.

Во продолжение ќе зборуваме малку повеќе за ароматерапија, звукотерапија, фитотерапија, како и духовниот, теолошки пристап:

Ароматерапија

Употребата на есенцијални масла, може да помогне во смирување на умот, стимулирање на позитивни емоции или дури и зајакнување на имунитетот. Секое терапевтско етерично масло, истовремено делува на ментално, емоционално и физичко ниво.

Звукотерапија (Sound Healing)

Со употреба на звукот произведен од специјални инструменти, како што се свирачките садови на Peter Hess, кои ги користам во мојот холистички центар, работиме на сите аспекти истовремено – физички, емоционален, ментален и енергетски. Звуците и вибрациите ги стимулираат сите клетки во телото, го поттикнуваат телото да се опушти и да ги излечи длабоките тензии и дизбаланси.

Фитотерапијата

Фитотерапијата е древна метода на лекување која користи лековити билки за да го поддржи здравјето и да го поттикне процесот на исцелување. За разлика од синтетичките лекови, кои често се насочени кон ублажување на симптомите, фитотерапијата ја третира не само последицата, туку и причината што довела до појава на болеста. Природата е богата со лековити билки кои делуваат на телото, умот и духот.

Духовен пристап

Духовниот пристап вели дека болеста ни е дадена како благослов, кој ни помага да ги согледаме нашите слабости, да ги промениме (преобразиме) и да се доближиме до Бога. Ова укажува дека болеста не се гледа само како негативен феномен, туку може да биде средство за духовно будење или промена., било да е тоа во нашиот ментален став, навики или духовен живот. Тоа може да биде повик за поголема самосвест, простување или длабока трансформација.

Заклучок: Хармонијата е патот кон доброто здравје


Важноста на мислите, емоциите, чувствата и дејствијата коишто свесно или несвесно ги правиме, начинот на којшто се однесуваме спрема себеси и другите, храната која ја консумираме, просторот во којшто престојуваме, квалитетот на сонот, се темел за долгогодишно здравје и благосостојба. Преку холистичкиот пристап, кој ги комбинира современите научни откритија со древните мудрости, можеме да го вратиме телото во состојба на хомеостаза, природна рамнотежа.

Доколку сакате да научите како емоциите и физичкото тело имаат нераскинлива поврзаност и како телото има сопствена интелигенција и има способност да се самоисцели, посетете го Модул 5, од онлајн вебинарот за холистика и психосоматика.